Чад и смрдеа ги гуши скопјани, пожар во дива депонија до салата „Борис Трајковски“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во центарот на Градот, блиску до кејот на Вардар, до населено место и до спортската сала „Борис Трајковски“, неколку часа гори дива депонија. Чад и смрдеа се шири наоколу.

Пожарникарите со 3 возила го гаснат огнот. Десетина цистерни со вода се искористени, но пожарот се уште е активен.  Локалната власт ангажирала и багер кој помага да се затрупа депонијата.

„Се работи за депонија која има голема површина која е зафатена од пожарот, се работи за депонија со кабаст отпад. Интервениравме со 3 интервентни возила и шест пожарникари. Досега имаме потрошено околу 50 тони вода и пожарот е ставен под контрола се врши негово догасување“, вели Јане Тасевски.

Од општина Карпош велат дека тие ја исчистиле депонијата, но несовесни граѓани постојано фрлаат отпад.

„Најверојатно станува збор за индивидуално фрлање и палење на отпад, што треба да утврдат надлежните служби. Инаку овластениот еколошки инспектор од Општина Карпош веднаш изелезе на увид на терен, а Општината повторно презема обврска да го расчисти спаленото ѓубриште“., соопштија од Општина Карпош.

Пожар на токму оваа локација избувна и минатата година во април. По пожарот Град Скопје и Општина Карпош започнаа со чистење на големата депонија, а беше најавено дека на ова место ќе се гради парк.