Чаир никако да се спаси од ѓубрето – Ганиу ја обвинува Комунална хигиена, од ЈП велат дека работат без прекин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проблемот со отпадот во Чаир никако да се реши!

Во населбата „Џон Кенеди“, кај основното училиште „Антон Семјоновиќ – Макаренко“, тротоарот е целосно непрооден.

„Во Чаир состојбата продолжува да биде „нормална“, како секогаш – со отпад. Да не заборавиме дека токму на ова место пред две недели известувавме за истата ситуација каде тротоарот е блокиран“, вели репортерот на ТВ21.

Во оваа населба, надвор од контејнерите се фрлени и автомобилски гуми, душеци, детски седишта и многу други предмети.

Преполни контејнери и фрлени вреќи има и во Топанско поле.

Иста е состојба и кај „Пластичарска улица“, каде што на тротоарот има дури и патики.

Неколку метри понатаму, кај семафорите, вака изгледа отпадот на улица.

Прашан за оваа состојба во Чаир, градоначалникот Висар Ганиу изјави дека ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ не работи со максимален капацитет, додека додаде дека граѓаните ги плаќаат сметките.

„Ова е појава која ни се случува и како општина сме презеле чекори, иако сме даночни обврзници, а парите одат кај претпријатието што е надлежно за собирање на отпадот, но сепак тоа не го прави со полн капацитет и тоа е причината за отежнувањето на состојбата. Од поранешните директори добивме информации дека во минатото имало 530 контејнери за собирање отпад, додека сега во Чаир има само 320“, вели Висар Ганиу.

Од „Комунална хигиена“ велат дека претпријатието секојдневно собира и транспортира комунален отпад во општина Чаир, без прекин, според утврдениот оперативен план.

„Постојано има масовно незаконско фрлање на градежен шут и тежок отпад веднаш до контејнерите, што е спротивно на законот, не се почитува Законот за јавна чистота и Законот за животна средина, ја загадува околината и го загрозува јавното здравје“, велат од ЈП Комунална хигиена.

Од Комунална хигиена истакнуваат дека минатата година најголемиот дел од нелегалните депонии што ги отстраниле биле токму во општина Чаир и дека испратиле барање до Општината за инспекциски надзор, но – како што велат – не се преземени никакви мерки.