Жителите на гостиварското село Дебреш се крајно револтирани поради убиството што се случи пред неколку недели. Тие дури маршираа низ нивното село, барајќи судот да го казни сторителот со максимална казна. Жителите, исто така, бараат и протерување на сторителот од селото.
„Собрани сме денес за да протестираме на мирен начин, значи мирно, ве молам, да марширааме кон центарот на селото и потоа продолжуваме надолу по улицата. Секој коментар е вишок, секој со рака на срцето го знае овој случај. Затоа се надеваме дека органите на правдата ќе му ја изречат соодветната казна на сторителот. Денеска го изразуваме нашиот револт на мирен начин.“, вели Каримани.
Жителите бараа и протерување на оваа семејство од селото.
Дали барате и иселување од селото, дали протестот е со таа цел?
“Да, да, бараме да се иселат.”
Адвокатот Саит Зилбери вели дека институциите треба да дејствуваат брзо, бидејќи кога случајот не се решава, семејствата ја земаат правдата во свои раце.
„Во Полошкиот регион имаме неколку убиства во последните месеци. Во последниот случај имаме и расветлување на случаите, но има случаи кога правдата се одложува и тоа доведува до тоа семејствата да ја земаат правдата во свои раце, што создава недоверба во институциите. Она што е загрижувачко е дека судските процеси траат со години и тоа прави семејствата на жртвите да не се чувствуваат дека правдата е задоволена, што може да доведе до одмазда и семејствата самите да ја земаат правдата во свои раце.“, изјави Зилбери.
Инаку, пред неколку недели, во вечерните часови, по вербална расправија помеѓу жртвата, 35-годишниот Р.К., и браќата Б.В. и Ј.В., поради банална причина, двајцата браќа го напуштиле местото и се вратиле со автомобил со швајцарски регистарски таблички, вооружени со пиштол и калашников. Пукајќи од автомобилот, го усмртиле 35-годишниот Р.К. Половина час по инцидентот, едниот од браќата се предал во полиција, а подоцна биле уапсени и останатите двајца браќа.
Пред неколку месеци, едно лице беше убиено во Челопек, Тетово, а по неколку недели уште едно лице беше убиенo во дворот на болницата во Тетово. Минатиот месец се случи убиство во Боговине, а 39-годишник го загуби животот во Тетово откако беше убиен со автоматско оружје во автомобил.
