Четири лица загинаа, а најмалку 30 се повредени во протестите поврзани со националниот штрајк на транспортниот сектор во Кенија, организиран поради наглото зголемување на цените на горивата, соопшти министерот за внатрешни работи Кипчумба Муркомен.
Илјадници граѓани останаа заглавени без превоз, додека главните улици во главниот град Најроби беа речиси празни. Дел од бизнисите останаа затворени, а училиштата им препорачаа на учениците да останат дома.
Демонстрантите блокираа патишта и поставуваа запалени барикади, а полицијата интервенираше со солзавец за да ги растера протестите. Според властите, уапсени се 348 лица.
Штрајкот следува само неколку дена откако владата ги зголеми цените на нафтените деривати на рекордно ниво, при што поскапувањето надмина 20 проценти.
Кенија, како и многу африкански држави, во голема мера зависи од увоз на гориво од земјите од Персискиот Залив. Снабдувањето беше нарушено по конфликтот меѓу САД, Израел и Иран што започна на 28 февруари. Иако беше прогласено примирје, цените останаа високи бидејќи Ормускиот теснец – низ кој поминува една петтина од светската нафта – сè уште е блокиран.
Многу патници останаа заглавени на автобуските постојки во Најроби. Граѓаните кои пристигнувале од други делови на земјата не можеле да влезат во градот поради блокадите.
„Нема ниту едно матату. Порано плаќавме од 100 до 150 шилинзи, а сега цената е 300. Животот станува неподнослив“, изјавил жител на предградието Китенгела за агенцијата Ројтерс, апелирајќи до претседателот Вилијам Руто да ги намали цените на горивата.
Возач на автобус од Танзанија изјавил дека патниците останале заглавени во Каџијадо, околу 75 километри од Најроби, бидејќи патиштата биле блокирани.
„Автобусот беше полн со луѓе кои патуваа на работа и поради бизнис. Сега сите се заглавени и фрустрирани“, изјавил тој за Би-Би-Си.
Во повеќе делови од Најроби и низ земјата, демонстрантите палеле гуми и поставувале барикади, а имало и извештаи за малтретирање на возачи. Полицијата соопшти дека шест полицајци се повредени во судирите, а оштетени се пет полициски и едно цивилно возило.
Министерот Муркомен ги обвини политичките актери дека ги искористиле протестите за свои цели.
„Пљачкосувањето бизниси и уништувањето јавен имот нема да ги намали цените на нафтата. Нарушувањето на транспортот и уништувањето на егзистенцијата само ќе ја влошат ситуацијата“, изјави тој.
Транспортната алијанса (TSA), која ги претставува превозниците, ги повика сите возачи – вклучително и приватните автомобилисти, автобусите и камионџиите – да останат надвор од патиштата како дел од координираниот штрајк.
Организацијата ја обвини владата дека не презема доволно мерки за да ги заштити граѓаните од растечките трошоци за живот и побара поништување на неодамнешното поскапување, како и намалување на цените на горивата за околу 35 проценти.
Енергетската и нафтена регулаторна агенција во четвртокот ги зголеми цените на дизелот и бензинот на рекордни 242 шилинзи за литар.
Министерот за финансии Џон Мбади призна дека поскапувањето е „несреќно“ и дека сериозно влијае врз економијата, но оцени дека штрајкот е „неоправдан“.
„Зошто се обидуваме глобален проблем да го решиме со домашни мерки?“, праша тој, додавајќи дека владата ќе размисли за дополнителни даночни олеснувања ако светските цени продолжат да растат.
Сепак, засега нема договор меѓу владата и транспортните оператори, што ги зголемува стравувањата дека штрајкот може да продолжи и во наредните денови.
