Коронавирус однесе уште четири животи. Станува збор за 79-годишна пациентка од Скопје, 58-годишен пациент од Велес, потоа пациент на 67-годишна возраст од Прилеп и 63-годишен пациент од Скопје. Потврдени се и нови 26 позитивни случаи на вирусот.
Во изминатово деноноќие најмногу нови случаи има во Куманово – 11, со што бројот на заразени во оваа општина се искачи на 211. Во Македонија досега присуство на коронавирус е потврдено кај 854 лица.
Во меѓувреме од денеска е пуштена во употреба и апликацијата „СтопКорона“ која дава податоци за тоа со кого имале контакт потенцијално заразените лица. Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, рече дека апликацијата е достапна за сите мобилни телефони. Тој ги повика граѓаните што помасовно да ја инсталираат новата апликација.
Во изминатото деноноќие се направени 330 тестови, а вкупно 8.552 од појавување на вирусот во Македонија. Позитивни вести доаѓаат од Штип – тројца излечени пациенти испратени на домашно лекување. Министерот за здравство, Филипче, извести дека во текот на неделава ќе бидат ставени во функција две дополнителни лаборатории за тестирање на Ковид-19, една во МАНУ и една во Институтот за судска медицина, со што се очекува да се намали времето за чекање на резултатите од тестовите.
