Регистриран е нов смртен случај од Западнонилска треска, со што бројот на жртви од оваа болест во Македонија достигна четири. Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, соопшти дека пациентот бил хоспитализиран 27 дена.
„Во текот на вчерашните попладневни часови е регистрирана и четвртата жртва од Западнонилската треска. Станува збор за 76-годишен пациент кој имал акутна форма на воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Кај овој пациент лабораториски беше потврдена невроинвазивна форма на западнонилската треска.“, порача Фадил Цана.
Пет пациенти со потешка клиничка слика се на интензивна нега и се лекуваат според сите болнички протоколи, изјави Цана. Во текот на денот на клиниката се хоспитализирани и двајца нови пациенти. Вчера беше потврдено дека кај 25-годишната пациентка, која клинички се водела како сомнителен случај, е потврдена невроинвазивна форма на вирусната инфекција. Во меѓувреме, вчера е хоспитализиран и 24-годишен пациент кој се води како сомнителен случај, а до утре ќе се утврди дали и кај него ќе биде потврдена клиничката дијагноза.
„Врз основа на сите досегашни истражувања и студии, како и она што е познато за Западнонилската треска, само кај 1% од заразените може да се манифестира невроинвазивната форма на болеста. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализираат само пациенти кои имаат манифестации на невроинвазивната форма на болеста.“, вели Фадил Цана.
Болеста се пренесува кај луѓето преку убод од заразени комарци. Најголем ризик од тешки форми на болеста имаат лицата над 60 години, лицата со ослабен имунитет и лицата со хронични заболувања.
Здравствените власти препорачуваат употреба на средства против комарци, носење облека што го покрива телото и отстранување на застоената вода, каде што се размножуваат комарците.
Во случај на висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот или дезориентираност, се препорачува веднаш да се побара медицинска помош.
