Директорот на Клиничка болница во Тетово, Илир Демири, упати обвиненија против екс градоначалникот на општината Сади Беџети и екс шефот на неговиот кабинет дека на незаконски начин приватизирале имот во болницата и дека се обидуваат да приватизираат и друг имот кој моментално го користи болницата.
„Оваа парцела од 97 метри квадратни што ја гледате е приватизирана на времето од страна на поранешниот градоначалник на општината и шефот на кабинетот на градоначалникот на општината. Ги имате и линиите кои се приватизирани, а кои се мерени со геодезија. Проблемот е што приватизираа и дел од резервоарите со нафта, кои се во употреба над 50 години и се сопственост на болницата. Ова е сопственост на Северна Македонија на користење на болницата и јас сум претставник на болницата. Овие луѓе кои се занимаваат со урбаната мафија имаат тенденција да го приватизираат имотот на болницата до реката и да го блокираат излезот на болницата на улицата „Благоја Тоска““, вели Илир Демири.
Поранешниот градоначалник на Тетово Сади Беџети негира, бидејќи според него во времето кога бил градоначалник немал право ниту да продава и купува имот и дека се работи за приватна парцела.
„Немам што да кажам бидејќи во мое време немав право да продавам или купувам или приватизирам земјиште. На директорот не му се јасни законските процедури, не знае што е приватизација, а што приватна сопственост и што детален план, а што градежна дозвола. Ќе дојде време кога ќе треба да понесеме одговорност за овие јавни зборови што ги кажуваме. Апсолутно нема врска со моето време, друг го купил во 2021 година, приватниот имот го купил друг“, вели Сади Беџети.
Случајот е пријавен и во СВР Тетово, од каде велат дека на 6 ноември во болницата било пријавено дека лицето А.Х спречило извршување на работа во болницата, додека на 9 јануари А.Х пријавил дека претставник на тетовската Клиничката болница вршел работи на негово приватно земјиште.
Во врска со случајот одговор побаравме и од општина Тетово, од каде ни рекоа дека утре градоначалникот на општината ќе излезе со образложение за овој случај.
