Чиј е средновековниот Цар Самоил? – Руски шпиуни работеле против Скопје и Софија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Двајца вработени во Државната агенција за национална безбедност на Бугарија работеле за Македонија да нема европска иднина. Премиерот Кирил Петков во интервју за БТВ вели дека е задоволен што агенцијата сама се справила со проблемот и двете лица веќе нема да работат по ова прашање.

„Лицата кои беа поврзани со овој скандал, станува збор за руски интереси кои работеле во една специфична насока, а тоа е Западен Балкан да немаат европска иднина и нашите односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија да не се толку пријателски колку едни добри соседи сакаат да имаат такви односи. Од таа гледна точка тоа за мене е многу важно да се знае дека јавно имаме руска интервенција во Бугарија специфично за Западен Балкан и Северна Македонија“, вели Кирил Петков.

Истата вечер и македонскиот премиер во интервју за 360 степени ги потврдува информациите.

„Постојат поединци, постојат и групи за кои јас би кажал маргинализирани, постојат дури и политички партии во државата кои се финансирани од трети држави кои не сакаат да ја видат РСМ во ЕУ и кои работат против евентуален договор меѓу Р. Бугарија и РСМ“, порача Димитар Ковачевски.

Два дена во Скопје заседаваше и Комисијата за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија. Членовите од бугарска страна вчера рекоа дека постигнат е договор за Цар Самоил, но останува нејасно дали македонската страна еднострано целосно го прифатила бугарскиот наратив за Самоил.

„Што точно е прифатено, и кој е договорот за Цар Самоил? Дали тоа е причината за радоста во Софија, а за молкот во Македонија? Ковачевски и Османи преговараат без да ја запознаат опозицијата, Собранието и јавноста. Владата води преговори кои може да задираат во македонскиот идентитет, јазик и историја зад целосно затворени врати“, прашува Драган Ковачки.

Претседателот на Бугарија Румен Радев по објавувањето на резултатите од пописот во Македонија рече дека ветото ќе остане се додека не се добие јасна гаранција за правата на Бугарите во Македонија и нивното вклучувањето во Уставот. Премиерот Ковачевски вели дека тоа ќе се слули.

„Јазикот и идентитетот од секоја аспект на македонскиот народ, ниту се преговара ниту ќе биде предмет на преговори. И граѓаните во тој дел може да бидат спокојни. Во однос на Уставот. Нашиот устав дозволува, односно уставното уредување индивидуалните права на самоопределување да се остваруваат колективно. И дополнително секоја држава која претендира да влезе во ЕУ на патот за влез во ЕУ го отвора својот Устав со цел да го прилагоди на законодавството на ЕУ, бидејќи одредени надлежности се предаваат на ЕУ и нивните институции“, вели Димитар Ковачевски.

Комисијата за историски прашања е заглавена во претставувањето ан Цар Самоил во учебниците. Од македонска страна е предложено учениците да имаат две перспективи: Дека е наследник на средновековното бугарско царство, но и дека има тези дека е независно царство. Но од бугарска страна се инсистира само на првото. Гледиштето на македонската историографија дека Самоил создал нова држава со јадро во Македонија.