Членови на ВМРО-ДПМНЕ, бараат оставка од Мицкоски – Мицкоски: Такви луѓе четири и пол години ме менуваат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Христијан Мицкоски е „потрошен“ и треба да поднесе оставка, а ВМРО-ДПМНЕ треба да организира внатрепартиски избори за смена на раководството со цел демократизација и ревитализација на партијата“. Ова денеска го побара поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов кој заедно со група членови на ВМРО-ДПМНЕ ја објавија „фракцијата за демократско ревитализирање“ која паралелно ќе делува во најголемата опозициска партија.

„Ова е повик до членството да се обединиме. Напоменувам не се работи за паралелна структура во ВМРО-ДПМНЕ, не се работи за нова политичка партија, не се работи за нова политичка структура во смисол на паралелизам, туку за членови на ВМРО-ДПМНЕ кои и понатаму ги повикуваат останатите членови на партијата, да делуваме како политичка фракција внатре во партијата со единствена цел демократизација и ревитализација на партијата чиј прв чекор е оставка на господинот Мицкоски“, вели Оливер Андонов.

Андонов додаде дека на Мицкоски голема грешка му била што дал поддршка за независен кандидат за градоначалник на Град Скопје при толку масовно членство во ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ партија која по новиот попис на членови брои околу 40.000 членови не може да најде кандидат за градоначалник, па мора да се врзува за независен кандидат? Тоа што денеска се случува го предвидов дека ќе се случи. Не сум видовит ама политичката логика упатува на тоа“, додаде Оливер Андонов.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, негира дека имало фракција во ВМРО-ДПМНЕ и вели дека партијата била обединета и сплотена.

„Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е се појако, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во Парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам“, вели Христијан Мицкоски.

Промена на Мицкоски од лидерската позиција пред околу две години побараа повеќе истакнати поранешни функционери, но ваквата иницијатива замре по неколку месеци.