Д-р Добринка прва ја прими вакцината, хероината против ковид, наместо во пензија, сѐ уште работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ


„Кога се случи оваа пандемија, секое медицинско лице беше потребно и неопходно тука да работи и да се справува со целата оваа ситуација. Така да, со оглед на тоа што сега наполнив 64 години, можеби ќе отидев во пензија, меѓутоа сега сѐ уште сум потребна и барем уште оваа година сигурно ќе работам“.

Ова е докторката Добринка Наумова-Јовановска. Иако веќе требаше да биде во пензија, сепак таа реши да остане во првите борбени редови и да спасува животи на пациенти заразени со Ковид-19. Таа беше првата која ја прими вакцината, заедно со нејзината колешка, Габриела Темелкова.

За време на вакцинирањето, присутен беше и министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека е предвидено медицинскиот персонал да се вакцинира за десет дена. Инаку, ова е единствениот пункт за вакцинација во земјава каде ќе се вакцинираат лекарите.

Пријавени се над 4.000 здравствени работници за вакцинација, а приоритет имаат и хронично болните лица.

Согласно Планот на ресорното Министерство, следната недела се очекува да пристигне и останатата количина вакцини, која е донација од Србија, а кинеските вакцини пак, се очекува да пристигнат кон средината на февруари. Предвидено е во текот на денот да бидат вакцинирани од 2 до 4 илјади луѓе.