Да се намали работното време за административците – Заев: Ако сакаме швајцарски плати, мора да работиме повеќе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавната администрација секој петок да работи само четири часа, предвидува новиот Предлог-закон на Министерството за информатичко општество и администрација. Административците да бројат 36 работни часа неделно, односно од понеделник до четврток да работат по 8, а в петок на работа да бидат само четири часа. Премиерот Зоран Заев, вели дека законот сѐ уште не е изгласан, додавајќи дека граѓаните треба да го кажат нивното мислење, а Владата ќе си сослуша внимателно.

Ангел Мојсоски од Институтот за европска политика, вели дека има неколку спорни делови во овој предлог-закон, но дека најголемиот проблем е неусогласеноста со Законот за работни односи.

Министерот за администрација, Јетон Шаќири вели дека предлог-законот е преземан од европските земји и дека законот е наменет на ефикасноста на работните часови.

„Предлог-законите се објавени во ЕНЕР и се во фаза на добивање коментари од сите заинтересирани страни во процесот. По оваа фаза ќе бидат анализирани од страна на сите заинтересирани страни. Користени се податоци од направената анализа во повеќе европски земји за начинот на уредување на оваа материја. Но, сакам да истакнам дека ефективноста на работата се мери со резултатите на работа и постигнување успех на работа. Да обрнеме внимание на ефикасноста и ефективноста на работните часови“, посочи Јетон Шаќири.

Реформите во јавната администрација остануваат предизвик за Северна Македонија, бидејќи сѐ уште треба да се департизира администрацијата, да се намали големиот број на институции и вработени во јавниот сектор, да се обезбедат дигитални, брзи, ефикасни и квалитетни услуги за граѓаните.