Владата да и ги одземе ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во делот на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и Зеленило. Ова е одлуката што ја донесоа скопските градоначалници на состанокот организиран од градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски. Треба да започнеме со процес на расформирање на јавните претпријатија и предавање на надлежностите и обврските на секоја скопска општина, рече Ѓорѓиевски.
„На 50 степени нема општина, нема населено место во Скопје каде што контејнерите не се преполнети со ѓубре, нема паркови кои што за жал можат младите да се рекреираат или пак трим патеки кои што можат да ги посетуваат а да не се обраснати со трева. Евидентно е тоа што градот Скопје не функционира. Во Скопје е срамота да дојде турист во денешно време. Од град кој што за 2-3 години треба да биде Град на културата, престолнина на културата ние сега во моментов се соочуваме со состојба од која што сите се срамиме“, вели Орце Ѓорѓиевски.
За најавата на одземањето на ингеренциите на град Скопје за која уште вчера зборуваше и премиерот Мицкоски, од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска се јавија со соопштение во кое вината ја префрлаат кон Мицкоски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои како што се наведува ги блокираат програмите за работа.
„Ја поздравуваме најавата на Мицкоски и го охрабруваме во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град кои што ги креираше. Како за почеток апелираме премиерот Мицкоски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје кои трета година по ред свесно и за политички поени ја кочат работата на јавните претпријатија“, велат од Град Скопје.
Стилот на Арсовска ни е јасен, а комуникацијата треба да биде во два смера и не може работите да функционираат на султанат во градот Скопје, врати градоначалникот Ѓорѓиевски.
„Еве денеска и е криво ВМРО-ДПМНЕ, после тоа ги смени сите директори, назначи брилијантни умови, лично таа ги назначи, не ги назначи ВМРО-ДПМНЕ или било кој од нас од градоначалниците, па по 13 пати менува луѓе на јавни претпријатија. Просто е невозможно да се функционира со Градот Скопје и да се има комуникација, тука лежи проблемот“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Незадоволни од функционирањето и комуникацијата на градоначалничката Арсовска искажаа и другите градоначалници. Висар Ганиу од општина Чаир вели дека повеќе од две години немаат никаква координација со Арсовска а ги блокирала и на телефон. Арсовска воедно им забранувала и на работниците да ги вршат своите работи во општините.
„Две години со постоечкава градоначалничка немаме комуникација. Немаме комуникација ни поединечно ни како колега, значи не блокира и на телефон и на се`, но немаме ни преку службена должност. Така што ние не знаеме како да функционираме. Се инвестираше мега парк во Чаир и после одеднаш, тоа што е под ингеренции на Градот Скопје одеднаш беше оставено така со месеци, 3-4-5 месеци што ниеден вработен таму не е појави. Кога ги прашав работниците затоа што претежно од Чаир се тие што работат, велат не смееме, ни кажале за Чаир ако работите нешто ќе излезете од работа“, вели Висар Ганиу.
Другите градоначалници се пожалија дека во нивните општините не се коси тревата и дека Арсовска им се заканувала дека доколку ја искосат тревата ќе бидат отпуштени. Градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски пак рече дека треба да се донесе Закон за комунална инспекција, но и да се зголемат и цените на комуналните услуги. Во однос на состојбата пак со ЈСП Скопје се очекува дополнително да се разговара со Владата за да се изнајде решение за проблемот со автобускиот превоз.