Се повеќе се чини дека ликот на Гоце Делчев и тој историски период всушност не се суштината на спорот меѓу Скопје и Софија. Според изјавите на бугарскиот евро – пратеник Андреј Ковачев, загриженоста на нашиот сосед повеќе се однесува на периодот од Втората светска војна, време кога територијата на сегашна Македонија била под бугарска власт, односно бугарска управа, како што бара тој.
„И предлагам на владата во Скопје, сите плочи и споменици на кои пишува “бугарски фашистички окупатор“ да се сменат во “германски нацистички окупатор на Кралството Југославија и привремена бугарска управа составена главно од Македонци“, посочи Андреј Ковачев.
Шефот на нашата дипломатија, Бујар Османи без одговор за ова барање. Тој повикува за ублажување на тонот меѓу Скопје и Софија.
Дека проблемот е периодот на Втората светска војна, пред неколку дена за ТВ21 потврди и историчарот Скендер Асани. Поконкретно, тој смета дека депортирањето на Евреите е историски товар кого Бугарија сака да го тргне од себе.
ТВ21: Има обиди Бугарија да обара од Македонија да го преземе овој историски товар?
С.А.: Тоа не се гледа од преговорите, но во суштина, е. Бугарија сака да го исчисти историското минато користејќи ја позицијата во ЕУ.
Министерот за надворешни работи негира такво нешто.
„Не мислам дека има барања од Република Бугарија до Северна Македонија да преземе одговорност за депортирањето на Евреите во периодот на Втората светска војна, мислам дека станува збор за лоша интерпретација на нивното барање, Република Бугарија во тој период да не се нарекува фашистички окупатор,но не и да се преземе одговорност…“, посочи Бујар Османи.
Министерот за надворешни работи вели дека во текот на дебатата во Брисел, Бугарија го оспорувала краткото име на државата и јазикот. Краткото име “Северна Македонија“ вели Османи, предизвика загриженост кај бугарската страна дека тоа може да се протолкува како територијална претензија на историскиот регион Македонија, а за тоа официјално Скопје е подготвено да даде дополнително објаснување дека нема никакви територијални претензии.
Османи побара од историчарите да направата обиди да се најде решение, бидејќи смета дека политичко решение секогаш би било спорно решение. Тој е оптимист дека овој период ќе се надминат разликите и ќе започнат пристапните преговори.
