Македонците во Бугарија преку Декларација бараат македонските власти да запре со непринципиелните компромиси што ги прави со источниот сосед. Македонските здруженија преку оваа Декларација го осудија асимилаторското однесување на Бугарија и бараат реципроцитет со паралелно внесување на Бугарите во Уставот на Македонија и тие да бидат внесени во Уставот на Бугарија.
„Ја осудуваме континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водеа официјално против Македонците во Бугарија. Го осудуваме начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. Од Македонија бараме да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија.“, се вели во Декларацијата на македонски организации во Бугарија.
За Заев ова би било мешање во внатрешните работи на соседна Бугарија, повикувајќи се на македонскиот Устав во кој тоа не е дозволено. Сепак Уставот во член 49 предвидува дека – Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји. Го гази ли Уставот премиерот Заев а од друга страна ги исполнува сите барања на Бугарија?
„Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас. Тие побараа да се стави во Уставот кога ќе се отвори Уставот и бугарската етничка заедница. И тоа е наше право, ние одлучуваме дали тоа ќе го дозволиме или не. Истовремено е исто така право на Бугарија како што е наше право овде дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија.“, рече Заев.
Во Декларацијата се бара и Европската Унија да не дозволи злоупотреба на членството и правото на вето и да се запре негирањето на македонското национално малцинство.
„Сметам дека изминативе денови јасно беше покажано дека билатералните прашања немаат место во пристапниот процес и дека треба да бидат решавани надвор од него. Тоа е главниот аргумент и тоа треба да се следи во поглед и на малцинските заедници, малцинствата кои живеат во таа земја и го имаат државјанството на таа земја.“, вели Холштајн.
Во Протоколот од 5+1 точки што произлезе по Самитот на Западен Балкан во Брдо кај Крањ, едно од барањата на Бугарија е и тоа Бугарите кои живеат во Македонија да бидат внесени во Уставот. Но од друга страна пак официјална Софија реагира да не се бара признавање на македонското национално малцинство во Бугарија.
