Реконструкцијата на Владата се ближи кон финализација – се очекуваат промени, вклучувајќи и функционери и ресори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на неделата се очекува да се одржи вториот состанок на коалициските партнери за реконструкција на Владата. Премиерот Мицкоски изјави дека првиот состанок бил конструктивен, но без да даде детали за можните промени. Тој само кажа дека постојат опции за промени кои ќе станат познати до крајот на викендот.

-Во првите разговори можам да кажам дека доминираше конструктивна атмосфера. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме состаноци, очекувам тие да бидат завршни, во текот на викендот сè да се формализира, со имиња и со други специфики. Да, постои опција и за промена на ресори; и за тоа се разговараше, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Следните состаноци меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ се очекува да ги утврдат имињата на министрите и функционерите кои ќе бидат заменети. Партиски извори брифираат дека промените ќе ги опфатат кадрите на сите три владејачки партнери.

Но од ВЛЕН веќе е познато дека во фокус се позициите на заменик-премиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој поднел оставка, како и министерот за социјална политика Фатмир Лимани, кој повеќе не е дел од ВЛЕН.

„Реално, копретседателите г. Меџити и г. Касами имаа состанок со премиерот на државата, прв состанок. Верувам во наредните денови ќе има и други состаноци каде ќе има дополнителни информации. И од партијата ВЛЕН и од партнерите во владината коалиција има детални бази за секој функционер кој извршувал дејност или раководел со некоја институција со точни податоци и истите ќе се дискутираат во рамки на коалицијата. Не е никакво чудо ако се сменат и ресори или некој од функционерите на различните позиции што ги имаат“, изјави Мухамет Елмази од ВЛЕН.

Реконструкцијата на Владата се случува на двегодишнината од владата на чело со Мицкоски. Опозициската СДСМ ја критикуваше, велејќи дека реконструкцијата е само ново пакување на истите производи со истечен рок.