За предлог – законот за игри на среќа што го предложија пратениците на ДУИ ќе се дискутира утре на Собраниска комисија за финансии и буџет. Овој предлог дојде како резултат на барањата на Движење против коцкање. Тие уште еднаш побараа од пратениците да го поддржат барањето објектите за игри на среќа да се дислоцираат 3 км подалеку од населени места.
„Се обраќаме јавно до сите лидери на политички субјекти, до Претседателот на Собранието, Претседателот на државата, Премиерот, комисијата за финансии и буџет, 120 пратеници, да гласаат, пред се да мислат за нивните деца бидејќи и тие не се имуни на овој вирус наречен коцка. Не потпаѓајте на овие финансиски пороци бидејќи ситуацијата во која се наоѓаме е загрижувачка слика за државата и нашата тенденција да влеземе во ЕУ. “, вели Абдиу од Движење против коцкање.
Но дали ДУИ ќе има моќ да го протне овој закон? Преку пост на Фејсбук министерот за економија Крешник Бектеши рече дека казината и обложувалниците треба да се далеку од населените места.
„Кога постои услов на дистанца за да се отвори аптека која е за потребите на граѓаните, тогаш несфатливо е зошто да не постои услов за дислокација на казината и објектите за игри на среќа кои не им се од полза на граѓаните. Казината и обложувалниците подалеку од населените места.“, напиша Бектеши.
Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија прават анализа и во текот на утрешниот ден ќе го објават нивниот став. И некои од другите партии порано се изјаснија за дислокација на објектите за игри на среќа. Од Движење против коцкање апелираат до пратениците дека доколку не се земат предвид нивните барања тогаш на изборите на 12 април ќе излезат против таа партија која не го поддржала овој закон.
