Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешниот брифинг со новинарите рече дека нема договор со АА и ААА директорски позиции во управи на јавни претпријатија. Арсовска рече дека на овие позиции ќе се назначат квалитетни луѓе,без разлика од која партија доаѓаат.
„Немаме договор со АА-ААА за тоа колку претпријатија ќе земат тие, и земеме. Со претпријатијата на кои уште не сме ги смениле директорите, ќе раководат квалитетни луѓе а не партии. Уште немаме имиња“, истакна Данека Арсовска.
Од АА со различна изјава од таа на Арсовска, велат дека има договор и очекуваат истиот да се почитува, без да прецизираат кои претпријатија или управи им припаѓаат.
„Сигурно дека поддршката за госпоѓа Арсовска не е дадена само за позиции. Дадена е како резултат на нашето убедување дека Град Скопје може да се менаџира подобро отколку што беше менаџирано досега и јас велам дека има договор и очекуваме тој договор да се реализира“, посочи Елми Азири.
Зекирија Ибрахими од Алтернатива во ТВ21 има кажано дека ќе ги добијат сите управи што ги има ДУИ, меѓутоа во “Паркови и Зеленило“ е именуван директор од ВМРО-ДПМНЕ. Од јавните претпријатија за АА-ААА без нови директори останаа Комунална хигиена и Градски паркинзи.
Инаку АА и ААА додека беа во коалиција, на локалните избори ја поддржаа Данела Арсовска за градоначалник на Скопје. По преземањето на локалната власт, Арсовска досега назначила 6 нови директори и ниеден од нив не е од албанскиот политички блок.
