Дали малолетничките од Ѓорче Петров ќе бидат испратени во поправен дом? Обвинителството побара подготвителна постапка!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Скопје покрена постапка против четири малолетни лица поради сомнение за насилство врз 13-годишно девојче. Станува збор за една 17-годишна и три 14-годишни девојчиња, за кои се сомнева дека учествувале во два одвоени инциденти.

Од Обвинителството информираат дека до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје е доставено барање за поведување подготвителна постапка, бидејќи постои основано сомнение дека сториле дејствија кои според Кривичниот законик се квалификуваат како кривично дело „Насилство“.

Поради сериозноста на случајот, начинот на извршување и останатите околности, јавниот обвинител предложил и определување мерки на претпазливост за малолетничките.

Во меѓувреме, во врска со истите настани, до Обвинителството биле доставени и шест кривични пријави против родители, по членот што се однесува на запуштање и малтретирање дете. Според наводите, тие ја занемариле својата должност за грижа и воспитување, по што нивните деца извршиле физички напад врз 13-годишното девојче во скопската населба Ѓорче Петров.

Пријавите се распределени кај надлежни обвинители, а во тек е постапка за обезбедување докази и проверка на сите наводи.