Помина една недела откако повторно гори депонијата Буково во Охрид. Ова се случува секое лето. Пожарот е изгаснат но чад се уште излегува, а смрдеата се чувствува насекаде низ Охрид. Сите градоначалници на општините од западниот регион, и градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков, единствено решение за овој проблем, како што беше предвидено, гледаат во регионалната депонија во општина Новаци. Но, општина Новаци деновиве бара изградба на нов обрач за да не поминуваат камиони со отпад од другите градови низ населените места во Новаци.
Беше речено дека оваа депонија треба да биде готова во 2024 година, но се уште нема план или проект за алтернативната траса што ја бара општина Новаци. Ниту самите градоначалници на Општините не знаат кога ќе заврши овој проект кој се ветуваше неколку години.
Дури и заменик-министерот за животна средина вели дека е неопходна регионална депонија во овој дел од државата, но ни таа нема поим кога ќе биде готов ваквиот проект, особено сега кога општина Новаци поставила други услови за изградба на депонија таму.
Депонијата во Новаци која со години се ветува ја чекаат и другите општини како Струга, Кичево и Битола. Сите општини од овој регион се соочуваат со диви депонии и многу критики за лошото менаџирање со отпадот.
