Дали се заладија односите во Европскиот фронт?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Несогласувања во Европскиот фронт уште на самиот старт на делувањето во Собранието. Со одлуката на четирите пратеници на Алијанса за Албанците од крилото на Села кои не го гласаа Законот за реорганизација на министерствата, но и уште повеќе не се согласуваа како опозиција да склучуваат договори со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, се чини го наруши единството во коалицијата. Елми Азири кој и самиот учествуваше во групата на преговорите како претставник од Алијанса за ТВ21 вели дека тие веднаш укажале дека не се согласуваат со овој начин на дејствување. Вели дека засега остануваат дел од Европскиот фронт, но доколку и натаму не се согласуваат најавуваат заминување.

-Ова е почеток, ќе видиме како ќе делуваат членовите на Фронтот како ќе делуваат понатаму. Оваа логика ние не би ја поддржале да кажам искрено на делување. Ние се уште остануваме дел од Фронтот но ја чуваме нашата автономија при донесување одлуки и би требало според логика ако има поголеми нешта што не се сложуваме, се разбира дека веќе не може да функционираме. Е сега при делување не мора сто посто да се сложуваме, но ако биде 90 посто да не се сложуваме, не гледам причина да останеме дел од Фронтот. Но ова е прејудицирање, ќе видиме како ќе течат понатаму работите, вели Елми Азири од Европски фронт.

Според Азири, ад-хок Комисијата за следење на правичната застапеност која ја побарале ДУИ при договарањето за поддршката на законот е несериозна работа и не претставува ништо, бидејќи како што нагласува, покрај институции на државно ниво, правичната застапеност ја контролираат неколку собраниски комисии.

-Ние не се согласивме со вакви работи, нас ни изгледаше несериозно формирање комисии, Собранието има неколку комисии. Едно од тие Комисии е анкетната комисија. Уште утре може да се состане Анкетната комисија и да заземе став и одлука да одиме во тие и тие институции да видиме каква е застапеноста. Значи непотребна комисија ќе резултира со ништо. Ќе резултира со две-три страни формално пишување, излегување на Блерим Беџети во Собранието, читање на тој извештај и готово, вели Елми Азири од Европски фронт.

Ријад Шаќири од ВРЕДИ, ставовите споделени од партиите на ЕФ во однос на законот на владата, ги гледа како искра за нефункционирање.

-Првите искри веќе ги има во ЕФ, бидејќи идеолошки тие не можат да функционираат заедно. Сите тие лидери, политичката кариера ја започнале со критики против Ахмети. Од еден став сосема спротивен и да останеш до 02.30 по полноќ да гласаш за тие измени, сигурно има приврзаност, а каква, треба тие да кажат пред јавноста. Тие постојано ќе бидат конструктивни. Зошто мислите така? Ќе бидат конструктивни во однос на ВМРО бидејќи имаат разни хипотеки што треба да им ги амнестираат, вели Ријад Шаќири од ВРЕДИ

Законот за реорганизација на министерствата беше изгласан во саботата во 2 и пол часот по полноќ со 88 гласа за и 22 против. За гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ како и дел од Европскиот фронт, а против беа од СДСМ и Левица. Четирите пратеници на Алијанса воопшто не гласаа.