Дали Тачи го најавува своето заминување од ДПА? Вели дека партијата е во потешкотија да опстане, но ќе издржат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи вели дека неговата партија веќе неколку години се соочува со потешкотии за да опстане, но одлучиле да останат на сцена. Додава дека се слаби, но дека не знаат да лажат и мамат.

На денешниот состанок на Централното собрание на ДПА, беше формиран Совет кој ќе биде задолжен за организирање на конгресот на кој ќе се изберат новите партиски органи. Но, дали Тачи ќе остане на чело на ДПА? На ова прашање не даде прецизен одговор, само рече дека е сигурен оти кој и да раководи со партијата, ќе ја зачува нејзината срж.

-Верувам дека ќе дојде време кога сите Албанци ќе разберат дека патот на ДПА е вистинскиот, иако е подолг. Јас сум оптимист дека ќе успееме, кој и да ја води партијата во иднина, секогаш ќе се држиме до сржта на оваа партија. Ние денеска не сакаме да ја трауматизираме ситуацијата, но одлуката на Централното собрание е дека сите партиски органи се во техничка функција, функцијата ја презема Советот за организирање на конгресот, и јас нема да се мешам во таа работа-вели Тачи.

Челникот на ДПА исто така одлучи сите партиски органи од денеска па до одржување на конгресот да бидат технички. Тачи вели дека е среќен што ДПА иако со еден пратеник, успеала да ја зачува оваа Влада.

-ДПА има еден пратеник, но заслугите на ДПА се тоа дека не дозволивме експонент од левицата, фашист „Левица“ заедно со Зијадин Села и другите измамници да ја урнат оваа Влада која има прозападна ориентација. Јас мислам дека треба да бидеме што повнимателни на овој пат, и јас, и ДПА ќе направиме сѐ за да ги убедиме сите фактори, не само со оние со кои сме на власт, со ставот дека ако Македонија не ги отпочне преговорите ќе биде во ризик од распаѓање, а Албанија не-изјави Тачи.

Конгресот на ДПА се очекува да се одржи во август 2022 година, а согласно статутот на партијата, сите членови можат да се кандидираат за кој било партиски орган.