И додека во Бугарија се водат политички калкулации околу тоа кој и дали ќе се формира Владата или ќе има нови избори, останува неизвесноста дали Македонија ќе ги продолжи разговорите со источниот сосед и со тоа да го достигне тајмингот во јунско-јулскиот Самит на Европската унија да се донесе одлука за почеток на преговорите. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Клик плус на Тв21 оцени дека предизборната реторика во Бугарија ги отежнаа односите и рационалната комуникација. Но и покрај тоа, Османи и натаму е оптимист дека сепак би можело да се најде начин да се придвижи процесот со Бугарија и со тоа да се деблокира патот на Македонија кон Европската унија.
„Се надевам на брзо формирање на институциите кое што ќе овозможи брзо рестартирање на нормалната комуникација со цел изнаоѓање решение бидејќи сметам дека прашањето во чиј контекст се нашите односи а тоа е европската перспектива е многу поголемо и многу позначајно од одделни политички случувања расположенија и изборни процеси.“, рече Османи.
Од Европската комисија одбегнуваат да ја коментираат неизвесната политичката ситуација во Бугарија. Портпаролката Ана Писонеро вчера за МИА изјави дека очекуваат Скопје и Софија да дојдат до меѓусебно решение.
„Брисел ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања. Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро.“, рече Ана Писонеро.
Иако на овие избори изгуби партијата на Красимир Каракачанов, кој се сметаше за еден од најрадикалните во однос на преговорите со Македонија, сепак со оглед на тоа кои партии влегоа во бугарскиот парламент, дел од експертската јавност не очекува некаква промена на позициите на Бугарија кон нашата земја. Османи оцени дека невлегувањето на Каракачанов е порака дека таква реторика не носи политички поени.
„Иако има доста непредвидливост во резултатите во смисла на нови политички партии за чии програми не знаеме, сепак не гледам дека има било која политичка структура која што е антиевропска или е против европската перспектива на регионот или на нашата држава. Спречувањето на европската перспектива на Северна Македонија не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат. Бидејќи тоа беше основниот наратив на партијата на господинот Каракачанов и фактот дека не ја доби поддршката од бугарските граѓани, тоа значи дека бугарските граѓани не поддржуваат таква политика.“, вели Османи.
Османи рече дека во иднина се надева САД да имаат поголем ангажман во решавањето на спорот со Бугарија иако дополни дека тоа нема да биде во однос на некаков притисок на било која страна, туку во изнаоѓање начини за надминување на спорот. За продолжување на разговорите со Бугарија, деновиве и премиерот Зоран Заев рече дека очекува тие да продолжат веднаш по формирањето на нивната влада.
