Што ново донесе вчерашната посета на специјалниот претставник Владо Бучковски на Софија? Само ден по ветото тој замина на средби со бугарскиот државен врв по што одржаа прес конференција со министерката Екатерина Захариева. Но, на неа не слушнавме омекнување на ставовите на Бугарија, чија мисија ја има Бучковски, како што тоа го образложија македонските власти по неговото именување. Захариева остана на тврдите ставови, исто онака како што и се поздрави со Бучковски на заминување.
Она сепак што е ново од оваа средба е тоа што дознавме дека за Бугарија тоа вето не е вето.
„Сакам да подвлечам дека тоа неправилно се нарекува вето, туку тоа е неодобрување на преговарачката рамка“, истакна Екатерина Захариева.
Но, наспроти претходните ставови се смени реториката на премиерот Зоран Заев. Иако претходно на секое споменување на Бугарија велеше дека таа е наша братска и пријателска земја, вчера веднаш по средбата Бучковски-Захариева, Заев сега со остри тонови кон официјална Софија. Ваквото обраќање е сосема различно од она што го слушнавме на контроверзното интервју што го даде за бугарската агенција по кое јавноста остана буквално шокирана.
„За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство. Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ“, посочи Зоран Заев.
По последната седница на мешовитата историско-македонска комисија во јавност излезе дека всушност ништо од преговарањето не е решно, особено со проблематизирањето на употребата на идентитетската придавка. Заев претходно тврдеше дека е тоа е решено прашање и не е воопшто спорно употребата на придавката макеадонски иако, македонскиот дел од Комисијата за ова уште минатата година предупредуваше дека се спори од бугарска страна.
