СДСМ сака да ја земе Алтернативата во Владата и да ја отстрани Беса, изјави во Клик Плус, генералниот секретар на оваа партија, Скендер Реџепи.
-Велите дека СДСМ сака вие да влезете во Влада, и да ја отстрани Беса, поради тоа што имате повеќе. . .
Тие спинови не сме ги направиле ние… ги направи нивната структура…
-Тие зборови никој не ги наметнува, вие го велите тоа…
Токму така велам. . . вашето прашање беше, едната да излезе, другата да влезе. Од аспектот на пратеници е еднакво.
Официјално, СДСМ не упатила барање, но Зејди вели дека е разговарано дека партијата на Заев сака Алтернативата да влезе во Владата. Меѓутоа тоа нема да се реализира доколку понудата не важи и за Алијансата за Албанците.
„Ние сме во коалиција со Алијанса и ние утре можеме да бидеме дел од власта само со заедничка понуда и за Алијанса и Алтернатива.“, рече Реџепи.
Движењето Беса го „бетонираше“ мандатот на сегашната Влада, вели генералниот секретар на оваа партија, Арјанит Хоџа, тврдејќи дека тие имаат коректни односи во рамките на владејачката коалиција со СДСМ.
„Го разбирам стравот на лажната опозиција, бидејќи не е во ред во Собрание да се изјасниш како опозиција а деноноќно да седиш пред вратите на владата за да влезеш на власт.“, рече Хоџа.
-Кога зборуваме за стравот, дали се чувствувате загрозени кога знаете дека има преговори меѓу СДСМ и Алтернатива?
„Воопшто. Движење Беса се чувствува доста комотно поради својот капацитет и способност во рамките на коалицијата, задачите и обврските кои ги преземавме, така да немаме никакво вознемирување од тој аспект.“, вели Хоџа.
Кога станува збор за овие движења, социјалдемократите се повнимателни во своите тврдења, иако потпретседателот Мухамед Зекири не негира дека очекува другите партии да им се приклучат во власта.
„Со нашите политики и реформи кои ја водат земјата напред и стратешките движења на Владата кон ЕУ и со полноправното членство во НАТО, очекуваме да се зголеми парламентарното мнозинство. Всушност да имаме поддршка и од други партии.“, изјави Зеќири.
Гласините за зголемување на мнозинството, барем во Собрание, кружат веќе неколку месеци, но досега нема никакво конкретно движење.