„Ве молам искористете го моментумот“, истакна Мари Бјере, министерката за европски прашања на Данска, чија земја од први јули го презема претседавањето со Европската Унија. Таа од Скопје потенцира дека на Данска клучен приоритет ќе и биде проширувањето поради руската агресија и како што додаде, новите ветрови од Вашингтон. Сепак, кажа и дека Македонија има свои обврски.
„Тука сум за да работам конструктивно заедно со Северна Македонија за да видиме каде можеме да го постигнеме прогресот, затоа што ние не можеме тоа да го направиме сами. Треба прогрес да се направи и од страна на Северна Македонија, да се преземат чекорите кои се неопходни – уставните измени, за да може да се зачлените во ЕУ. Но, ќе направиме она што можеме.“, рече Бјере.

Според неа, Унијата во новата геополитичка состојба ќе биде посилна ако е поголема, на што се согласи и министерот Орхан Муртезани.
„Војната во Украина е руска агресија и сите сме дел од таа закана.“, изјави Муртезани.
Муртезани побара од данската колешка да не се билатерализира процесот за Македонија.

„Билатералните прашања треба да бидат адресирани меѓу членките, меѓу соседите билатерално, но да не контаминираат процесот на пристапување во ЕУ.“, вели Муртезани.
Според министерката Бјере, засега најголем прогрес кон зачленување во Унијата имаат Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора.
