Изборните дебати на ТВ21 почнаа со соочување на кандидатите за градоначалник на Чаир. Освен за актуелната состојба во општината, што е направено, а што не, кандидатите дебатираа и за проектите кои ветија дека ќе ги реализираат.
-Вие знаете и дека сум потпретседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и таму предложивме серија закон за кои надлежностите од централна треба да се прошират на локална власт, со цел да имаме повеќе ингеренции. Еден од законите, кој беше мој предлог е да имаме и локална полиција.-рече Ганиу.
Кандидатот на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Беким Сали уверува дека имаат мастер-план за нов Чаир.
-Не предвидува само урбанистичко решение, туку целосно решение за жителите на Чаир што подразбира пропорција меѓу бројот на жителите, изградба на едукативно-образовни објекти и развој на културниот живот во Чаир-рече Сали.
Кастриот Реџепи од Беса, вели дека немаат обемна програма, туку суштински проекти за подобрување на секојдневниот живот на чаирчани.
-Еден од нашите проекти е паркинг места во населбите Гази Баба, Серава и Дижон. Откако ќе го преземеме раководството со општината, ќе разговараме со жителите кои се заинтересирани за продавање куќи со цел да се направи бесплатен паркинг за жителите од овие населени места-кажа Реџепи.
Подорување на инфраструктурата е приоритет и за кандидатот од редовите на ДПА, Мисин Градинај.
-Јас имам намера да ја изградам улицата „Бајрам Шабани“ за да излегува кај „Иса Бег“ кај Исламската заедница, тој хотел на срамот да го отстранам, бидејќи тоа е хотел на срамот… Да се изгради подземен премин преку кој ќе одиме до Аеродром-изјави Градинај.
Во текот на дебатата прашања поставуваа и членовите на Младинските форуми на политичките партии, како и двајцата аналитичари, Имер Селмани и Агрон Врангала, кои дадоа свои идеи и предлози за подобро раководење со општините.
