Партијата на власт, СДСМ се сомнева дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поттикнува албанската опозиција Алијанса за Албанците и Алтернатива за блокирање на Собранието со амандмани. Ова го тврди координаторот парламентарната група на СДСМ, Јован Митрески.
За разлика од ваквите тврдења на пратеникот од мнозинството, координаторот парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, смета дека добро би било АА-ААА прво да го повлечат законот, а потоа да седнат за да се договорат за нов текст.
Но, шефот на парламентарната група на албанската опозиција, Скендер Реџепи, рече дека предлог-законот ќе го повлечат откако ќе се договорат за нов закон.
„Ние принципиелно не паѓаме на стапиците кои ги подготвуваат другите. Ние сме во состојба да дебатираме за предлог закон, да го прилагодиме сегашниот предлог надвор комисиските седници и потоа доколку се согласиме сите претставници на политичките субјекти за тој предлог закон, ние можеме да го повлечеме сегашниот предлог и истиот да го ставиме на дневен ред со итна постапка. Единствениот услов е тоа, прво да дебатираме за новата верзија со сите измени, потоа ќе направиме деблокада или повлекување на сегашниот закон“, истакна Скендер Реџепи.
Сите страни се подготвени да седнат и да најдат решение. Неформалните состаноци се во тек. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нацрт-законот на Алијанса за Албанците и Алтернатива не е во согласност со меѓународните стандарди за добивање државјанство. За ова, ВМРО-ДПМНЕ достави околу 500 амандмани. После тоа, албанската опозиција одговори доставувајќи досега околу 14 илјади амандмани, со што блокираше различни закони во Собранието. Велат дека реципроцитетот е нивното единствено оружје во овој случај. Во меѓувреме, Владата постојано ги критикува за блокирање на законите со кои се оштетени граѓаните.
