Иако во моментов Законот за спречување нефер трговски практики предвидува максималната казна за непочитување на одредбите да биде до 20.000 евра за голем маркет, премиерот Христијан Мицкоски и денеска им се закани дека остро ќе бидат казнети бидејќи работат спротивно на интересите на граѓаните и непазарно ги пумпаат цените на рафтовите. Тој до март најави дека ќе се смени висината на казните и тие ќе бидат 10 пати повисоки или до 200.000 евра. Не сакаше да потврди или да отфрли дали дел од маркетите кои се сега под истрага на институциите беа инволвирани и во случајот со картелско здружување. Мицкоски смета дека институциите не ја пропуштија можноста да демонстрираат решителност бидејќи само симболично, со по 50.000 евра ги казнија четирите картел маркети, иако според Законот можеа да ги казнат 10,20, 30 или повеќе пати или со стотици илјади или дури со милионски суми.
„Однесувањето на оваа влада е да има најпрви порака на опомена, односно да видиме дали тие се свесни и дали ќе се коригираат. Гледаме дека тие два – три ланци на маркети не се коригираат, е веќе кога не се коригираат, како велат нашите поискусни и повозрасни, велат на човек со сила, не можеш да му дадеш. Така што ако тие не можат да ја препознаат пораката и упорно нивен главен интерес е профитот на сметка на граѓаните, тогаш ние како Влада и како институција немаме друга опција, освен да ги заштитиме интересите на граѓаните.“, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, кога се води бизнис треба сите да добиваат, и тие, и граѓаните и државата, но дека дел од маркетите применувајќи нефер трговски практики, добивале само они.
„Тоа што порано беше процент во форма на работа или не знам, денеска е маркетинг услуга, услуга за истражување на пазар и така натаму. И тоа полека, и внимателно го документираме и го следиме. Кога ќе бидеме целосно подготвени, а мислам дека наскоро тоа ќе се случи, ќе почнеме да превземаме жестоки мерки.“, вели Мицкоски.
Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), попозната и како Антимонополска, скоро цела 2025 година и на почетокот од оваа 26 вршат контроли на маркетите за да утврдат кој и како го крши Законот за спречување на нефер трговски практики.
