Депониите во Струга и околните села и натаму претставуваат голема грижа за жителите. Депонијата во градот освен што на загадува околината, претставува опасност за здравјето на луѓето. Со години се бара решение за неа, но без успех. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко признава дека депониите се диви, а како единствена надеж ја гледа регионалната депонија во битолско Новаци.
„Решение се регионалните депонии, за југозападниот регион, и кај Пелагонија се предвидува регионална депонија во Новаци и колку што сум информиран од Министерството за животна средина се обезбедени средства“, посочи Рамиз Мерко.
Еколошките здруженија со години се борат со овој загрижувачки феномен. Велат дека депонијата само и наштетува на Струга, околината, водата и здравјето на граѓаните.
„Депонијата ни нанесе голема штета од еколошки аспект, од сите можни еколошки аспекти тргнувајќи од воздухот, почвата, водата итн. Најголем проблем е што во депониите се фрла најразличен отпад“, порача Берат Села.
Но Мерко тврди дека депонијата во Струга не ја загадува околината и не и нанесува штета на Струга независно од тоа што велат еколозите.
„Сите тие што велат дека депонијата ја загадува околината, јас сум против и велам дека не е така бидејќи извршивме мерење и знаеме каква е ситуацијата“, додаде Рамиз Мерко.
Пред две години за оваа депонија беше покрената кривична пријава. Тужена беше општина Струга, ЈП и Министерството за животна средина кои се одговорни за решавање на проблемот, но овие две години предметот се одолговлекува по судовите и нема никакво епилог.
За веќе поднесената тужба, градоначалникот на Струга, вели дека е дневна политика на одредени луѓе кои сакаат да испаднат попаметни од градоначалникот кого го избрал народот.
