На двете еколошки жешки точки во Општина Липково ќе им дојде крајот, уверува министерот за животна средина Мухамет Хоџа! Депонијата што се наоѓа меѓу општините Арачиново и Липково ќе се решава со изградба на Регионален центар за собирање отпад во Свети Николе. Тој најави и дека уште два центри ќе се градат во Новаци и Русино.
„За прашањето што се однесува на регионалниот центар за собирање отпад во Свети Николе, постапката за избор на економски оператор за реализација на овој проект е во завршна фаза и се надеваме дека успешно ќе заврши и ќе започне изградбата на овој регионален центар за собирање отпад. Ја потсетувам јавноста дека овој регионален центар за собирање отпад ќе се реализира со средства обезбедени од Европска Унија преку ИПА фондовите“, вели Мухамед Хоџа.
Што се однесува до уште еден еколошки проблем во Општина Липково, опасната материја арсен што се наоѓа во Лојане, Хоџа истакна дека Министерството за енергетика ќе го избере концесионерот кој ќе ја исчисти оваа жешка точка. Доколку процесот не успее и се утврди дека станува збор за отпад, надлежноста ќе ја преземе Министерството за животна средина.
„Тоа е во надлежност на Министерството за енергетика и е во фаза пред објавување на постапката за избор на концесионер кој ќе го изврши расчистувањето на оваа жешка точка во Лојане. Како Влада ја усвоивме и одлуката за реализација на објавата од страна на Министерството за енергетика, но Министерството за енергетика треба да продолжи со понатамошните процедури и да го избере концесионерот кој ќе го изврши и расчистувањето на оваа жешка точка во Лојане“, вели Мухамед Хоџа.
Министерот Хоџа оцени дека со усвојувањето на Законот за природа, кој е поставен на ЕНЕР, ќе се зајакне системот за заштита на природата, ќе се подобри управувањето со природните ресурси и ќе се усогласи законодавството со европските директиви.
