По неодамнешната посета на американскиот тим за санкции во среда во земјава пристигнува советникот на Американскиот Стејт департмент Дерек Шоле кој за време на неговата посета ќе отвори неколку важни прашања меѓу кои и борбата со корупцијата.
Засега е неизвесно и дали Шоле ќе ја соопшти и црната листа на корумпирани политичари за која тимот за санкции работеше на почетокот на декември.
Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека борбата со корупцијата останува приоритет број еден за американската дипломатија во земјава.
„Само накратко, за време на неговата посета овде има план да ги реафирмира дискусиите кои што претходно ги имаа во Њујорк а кои што беа проследени со телефонски разговор меѓу Скопје и Вашингтон за да се дискутираат заедничките приоритети и мислам дека сте го виделе неговото неодамнешно интервју каде што зборува за некои од тие приоритети како што е борбата со корупцијата и тоа ќе остане приоритет за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања“, вели Анџела Агелер.
Останува заедничката соработка со САД во борбата против корупцијата, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Минатата година веднаш по започнување на стратешкиот дијалог преку финансиска поддршка дополнителни милиони евра за правосудството, преку експертска помош односно обука на луѓето кои што се вклучени во правосудството, еве најава и преку листа на санкции и како што реков, тоа е во рамки на договорена соработка“, додава Бујар Османи.
Американската амбасадорка Агелер во Министерството за надворешни работи присуствуваше на заедничката средба на амбасадорите на земјите членки и набљудувачи на Јадранската Повелба, чиј претседавач годинава е земјава. Македонија презема исклучителна лидерска улога во заедницата на европските народи во клучно време, истакна Агелер.
