Економскиот експерт од редовите на СДСМ Јован Деспотовски тврди дека инфлацијата во земјава треба постепено да паѓа согласно динамиките во Европската унија. Според него таа треба да достигне ниво од едноцифрена бројка и тоа до 7 проценти.
„Ако таму веќе се планира стабилизација во тој сегмент, притоа се уште се очекува БДП на ниво на цела Европска унија да остане во позитивна територија, минимален е порастот, но постои, тоа значи дека и ние можеме со право да очекуваме, да настојуваме и да работиме, не можеме да очекуваме да ни падне од небо, меѓутоа да настојуваме и да работиме она што е проектирано од страна на Министерството за финансии или од Владата во самиот Буџет да пробаме да го оствариме, а тоа е да ја вратиме инфлацијата назад во едноцифрена територија“, вели Јован Деспотовски.
Но колку е ова изводливо? Според Маја Кадиевска Војновиќ економски експерт од ВМРО-ДПМНЕ кај нас постои голема индикација на постојаност на инфлацијата и е двојно поголема од Европската унија. Двоцифрената инфлација, вели таа, се должи на домашните фактори и погрешните политики.
„Во јавноста само се кажуваат бројките за колку ни поскапела храната, колку ни поскапува енергијата, парното, струјата. Вие да ја видите инфлацијата по ставки, значи двоцифрена инфлација ние имаме во буквално домашниот сектор, имаме во домашни услуги за домаќинството 33 посто инфлација, имаме во поправки за домаќинство 22, имаме во угостителски услуги 21 посто“, посочи Маја Кадиевска Војновиќ.
Двајцата соговорници дискутираа и за Буџетот за идната година, кој според Деспотовски тој е развоен и има за цел да го сочува стандардот на граѓаните. Кадиевска Војновиќ пак со критики, вели дека според неа тој е дупка без дно, кој ја води државата кон банкрот.
