„Дестабилизацијата“ била тема на Влада – Тошковски: Има информации за најави за немири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи ќе одговори на сите предизвици, вели министерот Панче Тошковски прашан околу наводите за дестабилизација на државата кои ги изнесоа во јавноста владини претставници. Премиерот Христијан Мицкоски, но и министри од „Вреди“ кажаа дека ќе се организираат немири поради тоа што наесен ќе се отворат постапки против поранешни високи функционери.

„Дали има најави за немири оваа есен од аспект на протести и така натака… Да, имаше во изминатиов период такви информации, од повеќе причини. Дали ќе се справиме со нив? Да.“

Сепак, Тошковски е на иста линија со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во однос на сериозноста на ваквите наводи.

„Има информации и најави, но сметам дека во овој момент не е безбедносната состојба загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност.“, вели Тошковски.

Владините функционери за евентуалната дестабилизација директно ја посочуваа ДУИ, од каде претходно нагласија дека ваквите изјави се невистинити и се политички блеф, но не ја исклучуваат можноста да организираат протести во насока на запазување на гласот на Албанецот и против, како што додадоа, обидите за мајоризација.

Министерот Орхан Муртезани информираше дека премиерот Христијан Мицкоски ја поставил темата за дестабилизација и на владина седница, без да открива повеќе детали. Мицкоски претходно истакна дека не треба да се наседне на провокации и ги замоли граѓаните да бидат мирни. Според него, провокациите ќе бидат на меѓуетничка основа.