„Дестабилизацијата“ има регионален контекст?! Атанасовски: Некоректно е да се шпекулира со наводи за дестабилизација

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Претседателот на БЕСА Биљал Касами, а претходно и премиерот Христијан Мицкоски, наводите за евентуална дестабилизација на државата ги ставија во регионален контекст. Касами дури спомена и руско сценарио за нестабилен Балкан.

„Функционерите на ДУИ се под тензија, бидејќи, пак ќе кажам, за проблемите што ги имаат со правосудните органи за направените злоупотреби, тие конечно треба да одговараат и да не се обидат ова да го покријат со обидите за поткревање тензии на ситуацијата, бидејќи знаете, неодамна регионот го посети и директорот на ЦИА и со оваа посета тој покажа дека нема да толерира Балканот да биде дел на руското сценарио за дестабилизација“, изјави Биљал Касами од коалицијата ВРЕДИ.

Претходно во телевизиско интервју премиерот Христијан Мицкоски истакна дека обидот за дестабилизација е можно да е исцениран однадвор.

„Сега имаме други точки на нестабилност во регионот. За да се сврти вниманието од тие точки тоа можеме да бидеме ние. Затоа ние не смееме да дозволиме тоа да се случи и за ова работиме сериозно со сите наши партнери од меѓународната заедница“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Од друга страна, дел од политичките аналитичари повикаа информациите да се предадат на надлежните органи за да се спречат евентуалните дестабилизирачки активности.

„Политички би било некоректно, па дури и политички вулгарно доколку во јавноста се шпекулира постојано со некакви наводи за дестабилизација и тие се во една воопштена форма, како што во моментов се шпекулира во јавноста. Ние немаме конкретни информацииза каков тип на дестабилизација станува збор, дали таа би имала локален, државен или поширок регионален контекст“, изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.

Според аналитичарот Благојче Атанасовски, во случајов, се злоупотребува терминот „дестабилизација“.

„Многу ми е жал што етничко албанскиот коалициски партнер – ВЛЕН, исто така ја злоупотребува темата за дестабилизација, бидејќи на тој начин се дефокусираат проблемите со кои се соочуваат сите граѓани Атанасовски додава дека ваквите наводи лошо влијаат на психолошкиот момент кај граѓаните, но особено кај бизнис заедницата во земја членка на НАТО“, изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.