Детското одделение во струшката болница ќе се спрема за болни од Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предвидениот капацитет од 10 легла на Интерното одделение за пациенти болни од Ковид 19 во Струшката општа болница одамна е пополнет.

Во моментот, како што информира директорот на Болницата Мухамед Асани, хоспитализирани се 18 лица позитивни или со сипмптоми на коронавирус. На овој оддел, како што појасни, има 32 кревети, кои доколку се потполнат, ќе се прави преадаптација во други одделенија.

– Доколку се потполнат предвидените легла на Интерното одделение, ќе го преадаптираме Детското одделение. Секогаш имаме резервна опција, вели директорот.

Уште еднаш упати апел да не се шири страв кај граѓаните на Општина Струга и оти се подготвени за поголем број пациенти позитивни на Ковид 19. Доколку е потребно, најави и преадаптација и на други оддели.

Асани нагласи дека во болницата се вршат сите редовни прегледи, ако е потребна хоспитализација ги хоспитализираат, а потешките случаи се транспортираат на Инфективната клиника во Скопје.

Од почетокот на пандемијата во Струга и струшко починале 75 лица како последица од компликации од коронавирусот.