Џафери нема да ја прифати предлог-одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување на Венко Филипче и Илир Хасани по член 184 од Деловникот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот Христијан Мицкоски на прес конференција најави дека доколку до Собранието сами не поднесат оставки министерот и заменик министерот за здравство, тоа ќе го направи партијата преку членот 184 од Деловникот.

Член 184
(1) Право да предлага донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти има секој пратеник, пратеничка група, работно тело и Владата.
(2) Во постапката за донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти, соодветно се применуваат одредбите на овој деловник што се однесуваат на предлогот на закон во второ читање, со тоа што е задолжителна општа расправа.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во разговор за ТВ21 вели членот 184 се однесува на законодавна постапка во делот донесување одлуки, декларации, резолуции, но на никој начин тоа не може да биде разрешување, додавајќи дека постапката кај член 184 се покренува во фаза на второ читање.

Согласно деловникот, пратениците може да покренат интерпелација и гласање на недоверба на носител на јавна функција, но според најави од ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го избегнеле бидејќи претседателот на Собранието како што рекоа тие, интерпелациите ги чувал во фиока.