Секој ден кога почнувате со работа, погледнете се себеси во огледало и не заборавајте од каде доаѓате. Ова беа зборовите на членот на централното раководство на ДУИ, Талат Џафери посветени на фракционерите. За неуспехот на оваа фракција позната како огнена група, рече дека тоа го најавил уште на почетокот, дека Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и Изет Меџити не можат да останат заедно до крај.
Џафери потоа упати критики и до неговиот сопартиец Невзат Бејта. За него вели, како не му е срам да се врати во партијата по сите критики на јавните излегувања.
На ова одговори Невзат Бејта. Тој за ТВ21 рече дека не се кае за критиките до ДУИ бидејќи се што рекол било за доброто на партијата. Што се однесува до Џафери, рече дека сите сугестии треба да ги каже пред генералниот совет.
„Доколку Талат Џафери има некаква сугестија за мене, може да ја каже или во Генералниот совет каде што не отвори уста, не кажа ниеден збор. Јас бев присутен во генералниот совет и во иднина ќе бидам присутен во централното раководство. Доколку тој има некаква сугестија до мене или забелешка, нека собере храброст и нека каже пред партиските органи и ќе дебатираме внатре за проблемите што ги имаме во ДУИ“, вели Невзет Бејта
Бејта во разговор додаде дека во ниедно негово произнесување не рекол дека си заминал од ДУИ и секогаш бил член кој се бори против, како што вели, негативните појави во партијата. Инаку Бејта, Беџети и Џафери одлучија да не му се придружат на Изет Меџити во формирањето на новото движење, туку изјавија дека ќе продолжат да дејствуваат внатре во ДУИ.
