Судскиот комплекс во близина на затворот „Идризово“, кој пред неколку години беше претставен како најсовремена дигитална судница во државата, денес се соочува со сериозни забелешки за хигиената и одржувањето.
Иако објектот беше изграден и опремен со инвестиција од околу 1,3 милиони евра, главно обезбедени од Европската Унија, сегашната состојба остава поинаков впечаток кај лицата што секојдневно престојуваат таму.
Според забелешките, во тоалетите има нечистотија, дел од казанчињата не функционираат, а прашина има и на подовите и на столчињата. Посочено е и присуство на пајажини кои, според присутните, стојат подолг период.
На условите реагирале и адвокати ангажирани во судскиот процес за случајот „Пулс“, кои посочиле дека просторот е валкан и неодржуван. Слични забелешки, според информациите, имале и судиите кои постапуваат по предметот, наведувајќи дека отпадот останува во корпите и на наредните рочишта.
Дигиталната судница беше свечено пуштена во употреба на 30 ноември 2022 година и тогаш беше претставена како најголем и најопремен ваков објект во земјата. На отворањето присуствуваа претставници на домашните институции, Европската Унија, САД и правосудниот систем.
Проектот доби поддршка и од Амбасадата на САД преку дополнителна безбедносна и ИТ опрема, а целта на комплексот беше во него да се одржуваат судења за притворени и осудени лица за кои транспортот до редовните судови претставува безбедносен ризик.
Во оваа судница периодов се водат повеќе големи предмети, меѓу кои процесите за „Беланоца-Барон“, „Адитив“ и „Пулс“.
Сегашната состојба, според реакциите, отвора прашања околу одржувањето и грижата за објект кој беше претставен како значајна инвестиција во македонското правосудство.
