Дијалогот Белград – Приштина бара одлука – Петровска: Отворените прашања траат предолго

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред претстојниот состанок на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти кој треба да се одржи в сабота во Охрид, министерката за одбрана Славјанка Петровска во вчерашниот магазин на ТВ 21 Клик Плус говореше за безбедносната ситуација и за ризиците од ескалација на состојбите во однос на отворените прашања меѓу Србија и Косово. Според Петровска дијалогот Белград-Приштина се доближува до состојба кога треба да се донесат одлуки.

„Секое отворено прашање може да предизвика влошување на безбедносната состојба. Изминатиот период ако се потсетиме неколку месеци наназад имаше доведување на такво загрозување на безбедноста во Косово и во Србија како резултат на одлуките кои што тогаш истекуваа. Токму затоа и се интензивира дијалогот и разговорот помеѓу овие две држави и затоа Република Северна Македонија е силен поддржувач на овие процеси на преговори, на разговори и на крајот на краиштата на процес на носење на одлука“, вели Славјанка Петровска.

Петровска говореше и за состојбата во Украина, поради руската воена агресија. Рече дека македонската Влада досега донела вкупно 6 одлуки за донација на воена помош на Украина, Таа истакна дека со помошта што ја донираме не придонесуваме за војната туку ја помагаме Украина да се одбрани од руската агресија. Таа информираше и што конкретно има донирано нашата земја на Украина.

„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, кои што веќе еднаш ги кажавме, воздухоплови или познатите авиони „Сухои“, средства и опрема за водење на противоклопна борба опрема за противвоздушна одбрана и муниција на военото воздухопловство како и интендантски материјални средства. Со донирањето на сета претходно донирана опрема вклучително и она што денеска го дониравме не се нарушува борбената готовност на нашата Армија“, додава Славјанка Петровска.

Од друга страна пак Петровска рече дека и македонската Армија прима донации за нејзино модернизирање и тоа најмногу од Соединетите Американски Држави и тоа во висина од околу 140 милиони евра за една година а најавено е дека помош ќе има и од Европската унија во висина од  9 милиони евра. Голем дел од активностите кои ги преземаме се во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика и затоа мора да одговори на потребите, рече Петровска.