Димитров: Владата ја усвои Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија (НПАА) 2021-2025

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска на прес-конференција информираше за усвојувањето на Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија – НПАА 2021-2025, која што е целосно преструкртуирана според новата кластерска методологија за пристапни преговори.

„Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, е веројатно најкомплексниот и секако еден од најобемните стратешки и програмски документи што ги дефинира стратешките правци, приоритетите, динамиката и потребните ресурси, како и активностите за прилагодување на националните институции кон европските административни структури.“

Во тој контекст, Димитров нагласи дека клучната цел на НПАА е да ја исцрта националната траекторија до целосна европеизација, додавајќи дека можеби Бугарија може да ги блокира пристапните преговори, но никој не може да не’ спречи да работиме на европската агенда дома.

„Оваа ревизија на НПАА не е стандардна и битно се разликува од сите претходни, прво, заради тоа што во март 2020 година земјите членки на Европската Унија донесоа безусловна одлука за почеток на пристапните преговори, со што очекувањата се дека земјата ќе биде поамбициозна во динамиката, но и ќе носи подобри стратешки дефинирани цели, поради што оваа НПАА е целосно преструктуирана според новата кластерска структура, и тоа не само технички, туку и суштински.“ – објасни Димитров.

Во координација на СЕП, НПАА е подготвена со активно учество и соработка на повеќе од 800 државни службеници од 150 институции, но беше предмет и на широка консултации и со 60 претставници на граѓанскиот сектор: „Префериравме квалитет пред брзина и консензус пред едностраност, утврдена временска рамка пред безвременост и јавна отчетност. Следен предизвик ќе биде доследноста во имплементацијата на НПАА. Треба да докажеме дека имаме стабилна демократија и дека ориентацијата и динамиката нема да ја менуваме со секои избори.” – заклучи Димитров.

Согласно комплексноста, НПАА претставува „жив” документ, што во наредниот период ќе се ревидира и надоградува. Оваа програма ќе биде претставена и во Собранието односно Комисијата за европски прашања и во Националниот совет за евроинтеграции.

На прес-конференцијата беа покренати и прашања во контекст на вчерашната изјава на португалската државна секретарка, за што вицепремиерот Димитров истакна дека доколку изјавата е прецизно пренесена и по суштина и по методологија таа е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение.

„Во оваа смисла изјавата никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот да се воздржат од какви било квалификации или објаснување на процеси поврзани со македонските национални прашања. Македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван со свои специфики и уникатности, запишан во личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации. Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет“ – потенцираше Димитров.

Димитров истакна дека по вчерашните контакти со претставници на Португалија и јасното изразување на ставот за македонскиот идентитет и јазик и протестот од македонска страна за изјавата на државната секретарка, од португалската амбасадорка која ја покрива Северна Македонија од Србија, пренесени се официјалните ставови дека Португалија никогаш нема да направи нешто што ќе штети на изнаоѓањето решение, останува цврсто на својот предлог и нема намера да навлегува во содржинска дебата околу културни прашања, идентитетски прашања и сл.

„Добивме уверување дека изјавата не го отсликува ставот на Лисабон, кој останува на португалскиот предлог и беше изразено жалење. Прашањето на македонскиот јазик е клучно прашање. Немаме мандат за тоа воопшто да помислуваме да преговараме. Во Европа ќе влеземе само како Македонци кои зборуваат македонски јазик. И го задржуваме правото тоа да го браниме достоинствено, без разлика на какви изјави ќе наидуваме во иднина. Ова е прилично несреќна изјава.“ – рече Димитров.

Вицепремиерот информираше дека „Португалскиот предлог се потпира на предлог преговарачката рамка на ЕУ, параграфот што го споменував околу македонскиот јазик да остане таков каков што е, со чиста формулација македонски јазик и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е македонскиот јазик за ЕУ, со унилатерална изјава на бугарскиот став од страна на Бугарија“.