Димовски на затворена седница на Влада, Комисијата за надзор над АНБ останува суспендирана од Џафери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На затворена седница на Влада директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски со отчет за тоа на кој начин е дадено позитивно мислење за давање државјанство на Онишченко. За тоа што Димовски зборувал нема да се изнесува во јавноста, а не се знае ниту дали ќе биде донесена одлука за одземање на државјанството на контроверзниот олигарх со украинско потекло. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека информации од затворена седница не се споделуваат.

„Денес имаме затворена седница на Влада на која што директорот на АНБ ќе информира за сите детали во однос на тоа како е издадено тоа државјанство односно како се обезбедени позитивните мислења. Понатаму од тоа не можам да коментирам со оглед на тоа дека од затворени седници на Влада не може да се даваат информации бидејќи тоа е тешко казниво кривично дело.“, рече Милевски.

А во петокот, исто така на затворена седница Димовски реферираше пред пратениците на Комисијата за надзор над работата на АНБ при што се случи инцидент кога во моментот на неговиот исказ на седницата, протече аудио снимка на јутјуб каналот на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери тогаш ја прекина седницата на Комисијата но не се знае кога ќе продолжи. Џафери денеска потврди дека Комисијата и натаму останува суспендирана се додека не се утврди кој е одговорен за безбедносниот пропуст и дали е тоа ненамерна грешка или се работи за прислушување.

„Се уште се чека што ќе покаже истрагата од МВР. Треба да се утврди како се случило тоа и дали е тоа случајно од човечка грешка или некој однадвор прислушувал. Ние немаме соодветни капацитети да направиме таков стручен надзор и поради тоа истрагата ја спроведува МВР.“, велат од кабинетот на Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека овој инцидент со пренесувањето на аудио снимка од седницата на Јутјуб каналот на Собранието е намерно за да се заташка целиот процес на сослушување. Оттаму бараат Димовски да си даде оставка за скандалот со Онишченко, а не да чека да биде испратен на амбасадорска позиција во Франција.

„Јас се сомневам дека целиот инцидент во петокот беше инсцениран. Затоа што немаше друг начин да се спречи работата на соодветната Комисија за надзор освен да се инсценира инцидент. Претседателот на Собранието кој што е од владејачкото мнозинство вели дека нема да продолжи Комисијата која што ја води опозицијата се додека не се заврши истрагата и извештајот која што ја води Министерството за внатрешни работи кое што го води исто така министер од владејачкото мнозинство па теоретски може истрагата да трае две години и тоа значи дека две години нема да има Комисија.“, рече Н иколоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Ковачевски деновиве рече дека смена ќе има на директорската позиција на АНБ каде што е сега Димовски, но не поради одговорност за скандалот со Онишченко, туку затоа што шефот на безбедносните слулжби чека да замине на амбасадорската функција во Париз.