Опозицијата обвинува за партизација на дипломатската мрежа. Ова следува откако мнозинството во Собранието покрена автентично толкување за Законот за надворешни работи. Па така, доколку толкувањето биде изгласано на пленарна седница сослушувањето на кандидатите за амбасадори ќе биде задолжително, а исто така и Владата ќе може да отповикува амбасадори. Со ова се отвора можност десетина амбасадори кои не го поминаа собранискиот филтер изминативе години да бидат вратени.
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да спроведе целосна партизација, односно сите институции, вклучувајќи ги клучните – за безбедноста, вклучувајќи ги оние од дипломатската мрежа, коишто се секако претставници на нашата земја надвор, дефинитивно да бидат под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.“, порача Богданка Кузеска
„Се случува процес каде парламентарното мнозинство што нема етнички легитимитет сака на брзина да направи смена на кадри, било за надворешната политика било во правосудството, било во второстепените комисии каде вие бевте присутни, и сето ова доведува до заробеност на системот.“, вели Блерим Беџети.
Од владејачката партија одговорија дека минатата власт се навикнала изминатите седум години да не го почитува Законот за надворешни работи, кога ги испраќала амбасадорите во странство без да бидат сослушани во Собранието.
„За некој да биде испратен на мисија, мора да го помине собранискиот филтер. Само погледнете ги имињата коишто циркулираат во јавноста и ќе видите до кого се блиски и ќе сфатите кој сака да направи партизација, а кој сака да направи департизација на процесот на именување на амбасадори.“, вели Бојан Стојаноски.
Ако одлуката помине се очекува да се вратат амбасадорите Мето Белески од Брисел, Катерина Ставревска од Лондон, Џенк Сејфула од Шведска, Пајо Авировиќ од Виена, Емил Крстески од Прага, Јакуп Реџепи од Сараево, Агнеза Руси од Софија и Зеќир Рамчиловиќ од Подгорица, кои не реферираа пред собраниската комисија.
