Директорите ќе се бираат на конкурс – ревизорските извештаи сериозно да се сфаќаат од раководителите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ако сакате да бидете иден директор под капа на државата, од сега ќе треба да аплицирате исто како за во приватна фирма, на конкурс и со мотивационо писмо.

„Тоа е огромна промена која досега за најголем дел од нив не е законска обврска. Зборувам за нови стандарди, нови пракси кои имаме волја да ги воспоставиме. Кога ќе го отвориме тој процес, сигурно дека тоа ќе биде можност за луѓе со капацитет да се вградат во институциите и во овие четири години кога општеството треба да го трансформираме“, посочи Љупчо Николовски.

Промена не може да очекуваме за брзо, но како што вели Николовски постои политичка волја за истото. Повтори дека една од првите активности на неговиот Кабинет ќе биде и формирањето на работна група која ќе ги скенира законите и ќе предложи мерки со кои ќе се ограничат дискреционите права на функционерите.

Во однос на ревизорските извештаи, планот на Владата е во иднина да се промени перцепцијата и истите не само да се читаат туку сериозно да се сфатени од страна на раководните лица на институциите.

„Имаме институции, акционерски друштва и јавни претпријатија кои се основани од Владата, а имаат загуби. Сакаме да извршиме притисок навистина оние одговорни кадри кои треба да бидат носители на позициите, да се фокусираат на исполнување на препораките и наодите од ревизорските извештаи. Доколку тоа не се прави, ќе биде покрената соодветна постапка согласно Етичкиот кодекс. Зборувам за еден таков систем во кој ревизорските извештаи сериозно ќе бидат земени предвид од наша страна, под мониторинг, а не да служат единствено за да бидат изработени и никој по нив да не постапува“, додаде Николовски.

Најави дека во борбата против корупцијата, Владата ќе ги земе предвид и 40-тината препораки од извештајот на Транспаренси интернешнал.