Директорот на ЦИА: Иран бара разузнавачка поддршка од Русија и Кина

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, денеска потврди дека Иран бара разузнавачка помош од Русија, Кина и други американски ривали, додека американската и израелската војска продолжуваат со воздушните напади врз цели во таа земја.

„Иранците бараат разузнавачка помош од Русија, Кина и други противници на Соединетите Американски Држави, а за тоа дали тие земји (обезбедуваат помош) можеме да разговараме во доверлив дел“, изјави Ретклиф за време на сослушувањето на Комитетот за разузнавање на Сенатот за меѓународни закани, пренесува „Хил“.

На прашањето од сенаторот Џек Рид дали ЦИА направила проценка и дали ги анализирала комуникациите меѓу Иран и овие земји, Ретклиф рече дека го знае „одговорот“ и дека „со задоволство ќе разговара за тоа“ приватно со него. Слично на прашање на истото сослушување претходно денеска одговори и директорката на Националната разузнавачка служба, Тулси Габард, која изјави дека „ако има споделување“ на разузнавачки податоци меѓу Русија и Кина со Иран, за тоа може да зборува на затворена седница.

На прашањето од сенаторот Ангус Кинг за медиумските извештаи дека Русија му обезбедува разузнавачка помош на Иран, вклучително и сателитски снимки, Габард изјави дека, според Пентагон, „каква било поддршка што Иран евентуално ја добива“ не ги спречува ефектите од американските операции. Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Блискиот Исток, Стив Виткоф, неодамна изјави дека руските официјални лица за време на телефонски разговор му рекле дека не споделиле разузнавачки податоци со Иран со цел да им помогнат да таргетираат припадници на американските сили и нивните позиции на Блискиот Исток.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, претходно изјави дека Иран и Русија имаат „многу добро партнерство“, но одби да потврди дека Русија му обезбедува разузнавачка помош на Иран.