Шведскиот парламент во понеделникот усвои закон со кој им се овозможува на властите да им ги одземат дозволите за престој на имигрантите поради несоодветно однесување, како што се неплатени долгови, работа на црно или поврзаност со екстремистички организации.
Законот, кој се однесува и на барањата што сѐ уште се во постапка, но и ретроактивно на веќе издадени дозволи за престој, е дел од поширокото заострување на имиграциските правила од страна на десничарската влада и нејзиниот коалициски партнер, националистичката партија „Шведски демократи“, во пресрет на парламентарните избори закажани за септември.
Законот беше критикуван од опозицијата и од организациите за заштита на човековите права, кои сметаат дека е произволен бидејќи одлуките ќе се носат врз основа на однесување кое не е класифицирано како кривично дело.
„Законот за добро однесување ги остава луѓето во неизвесност околу тоа кои постапки или изјави можат да бидат искористени против нив“, соопшти организацијата за човекови права „Сивил Рајтс Дифендерс“ со седиште во Стокхолм.
„Овој закон го поткопува владеењето на правото и принципот на еднаквост пред законот“, наведуваат од организацијата.
Владата, која победи на изборите во 2022 година со ветување дека ќе ја намали имиграцијата и ќе се справи со криминалот, смета дека лицата кои се однесуваат несоодветно или вршат кривични дела не треба да имаат право да останат во земјата.
Во самиот закон не е прецизирано кои конкретни однесувања се сметаат за неприфатливи, но владата како примери ги наведе неплатените долгови, неплаќањето даноци, криминалните активности и врските со екстремистички организации.
Надлежната миграциска агенција ќе ги разгледува дозволите за престој, а донесените одлуки ќе можат да бидат обжалени пред миграциски суд.
„Секој што не вложува напор да постапува правилно не треба да смета дека ќе може да остане во земјата“, изјави шведскиот министер за миграција Јохан Форсел кога го предложи законот во март.
