Дивоградбите во зоната на УНЕСКО ќе бидат урнати – Ќира: Не градете на брегот на Охридското езеро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дивоградбите што се наоѓаат во заштитеното подрачје на УНЕСКО околу Охридското Езеро ќе бидат урнати, вели градоначалникот на Струга, Менди Ќира. Според него, општината ги разгледува барањата за легализација, но сите објекти што не ги исполнуваат условите или ја попречуваат инфраструктурата и Генералниот урбанистички план ќе бидат срамнети со земја, бидејќи за езерските плажи се очекува да биде донесен и нов закон.

„Јавно ги повикувам сите граѓани на Струга кои имаат намера да градат на брегот на Охридското Езеро – би ги замолил да не градат, бидејќи сите објекти што се без дозвола ќе бидат урнати. Во меѓувреме се очекува да биде донесен и закон за плажите, кои ќе бидат ограничени, а ќе зависи и од тоа каква најсоодветна форма ќе се најде за овие градби без дозвола. Струга има многу објекти без дозвола.“, вели Менди Ќира.

Во охридскиот регион, кој е под заштита на УНЕСКО, има 4.847 нелегални објекти. Веќе неколку години пристигнуваат забелешки поради непочитување на препораките за заштита на природното и културното наследство.

„Градбите без дозвола кај нас секогаш предизвикувале турбуленции, не само економски туку и политички. И понатаму сум против градбите без дозвола, а дури сум и против законите за легализација на ваквите објекти, бидејќи тие ги стимулираат градбите без дозвола. Во разговори сме со Министерството за транспорт и со Владата за да најдеме решение за градбите без дозвола околу езерото, поради кои сме под надзор на УНЕСКО.“, вели Менди Ќира.

Минатата недела властите соопштија дека Охридското Езеро го задржа статусот на светско наследство, но со обврска Македонија и Албанија до 2030 година да ги спроведат забелешките и препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство. Одлуката за одложување на впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност беше донесена на седницата на Комитетот за светско наследство, која се одржа во Јужна Кореја. Експертите на УНЕСКО донесоа заклучоци и јасно утврдија рамка што опфаќа повеќе прашања, меѓу кои урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина, а во разговорите било разгледано и прашањето за трасата на Коридорот 8 кај граничниот премин Ќафасан.