ДНК профилите предадени на бугарските обвинители – сослушани 8 лица меѓу кои и сопственикот на „Беса Транс“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И по пет дена од трагичната автобуска несреќа која се случи во Бугарија, Јавното обвинителство се уште не побарало ниту притвор ниту било какви мерки за сопственикот на фирмата Беса Транс.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска им ги предаде на бугарските обвинители материјалите за истрагата –  ДНК профилите на роднините на загинатите, записниците од осум сослушани сведоци и предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за лиценцата но и целокупната документација за автобусот. Ј

овески не сакаше да каже кои лица се досега сослушани а во однос на мерки за сопственикот на фирмата вели дека за тоа ќе одлучеле обвинителите.

„За мерки дали ќе има потреба или дали ќе има мерки ќе процени јавниот обвинител кој го води предметот. Заради да не ја нарушиме истрагата во овој момент не е добро ние да ги изнесуваме податоците кои лица во кое својство се сослушани или кои лица планираме натаму да ги сослушуваме“, истакна Љубомир Јовески.

Според бугарските обвинители пак сопственикот на фирмата не може да има одговорност затоа што, како што рекоа, тој не го возел автобусот.

„Сопственикот не може да биде обвинет, тој ниту бил возач на тој автобус, ниту има некаква инволвираност во патната транспортна тура .Значи сопственикот на  тој автобус и таа фирма е со седиште и управување во Република Северна Македонија“, вели Бисер Јорданов Михајлов.

И покрај големиот пожар во кој за само неколку минути целосно беше изгорен автобусот, сепак, главниот истражител тврди дека во него не бил превезуван бензин. Додава дека и натаму се вршат анализите на остатоците од автобусот.

„Категорично ги отфрламе претпоставките дека се превезувал бензин или имало дејства на експлозиви. Со сигурност не може да биде наведено сега, но се извршени проверки и не се откриени запаливи средства и такви остатоци. Но пак ќе речам, работата на хемичарите и техничарите за пожар уште таму со автотехничките експерти продолжува многу интензивно и сум сигурен дека наскоро ќе имаме јасни позиции за тоа прашање“, посочи Младен Христов Петров.

И Јовески е категоричен дека тубите кои се пронајдени неизгорени не се пренесувало нафта иако таму имало остатоци од гориво. Но дали можеби имало и полни туби кои при големата експлозија целосно изгореле?

„Ако ние имаме на местото на пожарот најдени празни туби со нафта во кои претходно се користеле за нафта и бугарските органи од анализите соопштија дека таму има остатоци од нафта дека тубите не се изгорени како може да зборуваме дека со нив е вршено шверц на нафта. Колегите од Бугарија кажаа дека за тоа определено вештачење ако има полни туби, а јас не знам каде би стоеле тие туби од тоа ќе останат траги во автобусот. И со вештачењата ќе се утврди таа околност“, додава Љубомир Јовески.

Бугарските обвинители велат дека до крајот на следната недела ќе заврши идентификацијата на загинатите и дека тогаш семејствата ќе ги добијат телата на нивните блиски загинати во несреќата за достојно да ги погребат.