До кого допреа пораките на Агелер? – ЈО: Случаите кои ги отворивме за Камчев, го ставија на „црна листа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стигнаа ли пораките на американската амбасадорка Агелер до надлежните институции откако јасно им стави на знаење особено на правосудните органи дека не си ја вршат работата како што треба. Иако таа рече дека американската амбасада не може да и кажува на било која институција што да преземе сепак јасно порача дека институциите не постапуваат и затоа состојбата во земјава е поразителна. ТВ 21 се обрати со прашање до Јавното обвинителство дали се чувствуваат повикани во ваквата изјава на Агелер.

Јавното обвинителство има постапки против наведеното лице во кои се изречени правосилни судски пресуди. И во одлуката на американските власти за ставање на конкретното лице на таканаречената „црна листа“ како причина за таквиот чекор се наведени дел од постапките кои ги водеше Јавното обвинителство. Обвинителството ќе продолжи да постапува против сите сторители на кривични дела“, вели ЈО.

Но вчера Агелер веднаш по ставањето на Орце Камчев на црната листа на САД, рече дека не се тие кои треба да отвораат правни процеси туку треба македонските институции се тие кои што треба да постапуваат.

„Ние нема да дојдеме во Северна Македонија и да апсиме некого или да почнеме правен процес против нив, но интересно е да се види какви следни дејствија ќе бидат преземени. Не е мое, како американски амбасадор во Скопје да кажувам на било која институција што следно треба да направат, забележав а и други забележаа дека ние успеавме да најдеме значајни докази за одговорност на лицата“, истакна Анџела Агелер. 

И да биде состојбата уште потрагична, токму кога Агелер ги испраќаше ваквите пораки и повикуваше на одговорност на институциите, Јавното обвинителство ја замрзна соработката со Антикорупциска комисија, поради случајот Труст. Ваквата реакција дојде откако Антикорупциска презентираше шема за злоупотреби при распределба на конфискуваниот имот од фирмата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, а дека од тоа најголема корист имала фирмата Пуцко Петрол. И наместо да има соработка Јавното обвинителство се скара со Антикорупциска.

„Крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“, велат од ЈО.

Претходно на црната листа на САД се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко а сега и Орце Камчев, поради корупција но и сериозно нарушување и влијание врз правосудството. Воедно најавено е дека на оваа листа би можеле наскоро да се најдат и други лица и организации  за кои САД во моментов се уште врши нивно следење.