Синоќешната неколкучасовна средба меѓу МОН и СОНК заврши со договор, од септември годинава платите на наставниците во основните и средните училишта да се зголемат за 15%.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков во текот на денот писмено ги информирал синдикалните органи за постигнување договор за повеќе точки. Покрај зголемувањето од 15 отсто, постигнат е договор да се учествува во креирањето на буџетот за плати за вработените во основното и средното образование за 2023 година со кој ќе се исплати остатокот од усогласувањето од најмалку 3,4 отсто кое ќе започне од јануарската плата во 2023 година, потпишување нови колективни договори најдоцна до септември како и исплата на вработените кои беа дел од штрајкот.
Неделков рече дека по оваа средба ќе се сретне со синдикалниот совет и со одлучувачкото тело на синдикатот за потпишување на овој договор, но без да даде детали кога ќе се одржи оваа средба.
ТВ21 го контактираше претседателот на СОНК, кој ни рече дека денеска нема да се сретнат со горенаведените органи поради други законски обврски. Тој смета дека овој договор ќе биде прифатен од сите синдикални органи. Министерот за образование Јетон Шаќири синоќа по средбата рече дека е постигнат договор каде се прифаќаат дел од барањата на СОНК.
„Ќе има повисоки плати во образовниот сектор, ова го кажав од почетокот кога влеговме во овие преговори, исто така по зголемувањето на минималните плати на вработените во образованието, ќе имаме зголемување на платите почнувајќи од исплатата на платите од септември до 15% за сите вработени во основното и средното образование“, вели Јетон Шаќири.
Овој договор го коментираше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски кој зголемувањето од 15 отсто го нарече минимално и иронично, а премиерот Ковачевски договорот го нарече историски.
Со зголемувањето на платите од 15 отсто, нето платата на наставниците во основните училишта ќе биде 28.520 денари, додека во средните 29.743 денари.
