Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе остане тајна – Пендаровски ќе размисли дали ќе потпише за 60 часа работна недела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Договорот со Бехтел и Енка има одредено ниво на доверливост и затоа не може да се објави овој документ, рече премиерот Ковачевски. Тој не кажува дали во Договорот за изградба на коридорите 8 и 10Д има одредба со која постои обврска да се донесе закон за 60 часовна работна недела за да може овој конзорциум да испорача 23 километри годишно. Доколку ова не се исполни државата ќе треба да плати огромни суми пенали. Иако Уставниот суд јасно во врска со ова донесе одлука дека е противуставна.

„Да се овозможи само за овој проект За ваков тип на стратешки проекти од национално значење да има 60 часовна работна недела, што значи дека повеќе пари ќе останат во државата, секој работник кој ќе се согласи доброволно, бидејќи никој нема да биде присилен да работи 60 часа, ќе добие според колективен договор и закон за работни односи платена прекувремена работа плус 50 проценти за работа во недела“, вели Димитар Ковачевски.

За измените на законот со кој би се овозможила 60 часовна работна недела се уште не е почната расправата во Собранието и во оваа фаза може да се каже дека се блокирани со над илјада и сто амандмани кои ги поднесе Левица, две од ВМРО-ДПМНЕ и 3 од ВМРО-Народна. На прашањето дали доколку сепак се усвојат претседателот Стево Пендаровски ќе го потпише указот или ќе стави вето, тој вели дека за тоа ќе одлучи кога ќе ги разгледа овие измени.

„Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија, кога ќе ги изгласаат во парламент тогаш ќе седнеме со мојот правен тим ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, обично, во однос на потпишување, декретирање на укази за важење на законите обично не примам совети од никого, најмалку од политичките партии“, посочи Стево Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека договорот што е потпишан е штетен и може да се случи секој месец државата да мора да исплаќа пенали од 2,1 милиони евра.

„Според документите кои излегоа во јавноста, Владата ќе треба да плати 53 милиони евра како пенали за неовозможување на 60 часовна работна недела во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот помеѓу Владата и Бехтел и Енка.  Дополнително секој месец Владата ќе треба да плаќа 2,1 милиони евра повеќе на име пенали додека трае изведбата. Ова значи дека ако до 22 април не се донесе 60 часовна работна недела Македонија веќе на 23 април ќе треба да исплати 53 милиони евра еднократно како пенали кон Бехтел и Енка и секој месец да исплаќа по дополнителни над 2,1 милиони евра штета која Ковачевски и Груби ја направиле“, вели Ели Панова.

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка е предвидено на 22 април да ги започне работите околу изградата на четири автопатски делници од Коридорот 8 и 10-Д. Според договорот изградбата ќе чини околу 1,3 милијарди евра, а рокот за изведба е до 2027 година.